Финансова полиција поднесе кривична против поранешната директорка на Агенција за филм, Мими Ѓоргоска –Илевска

by Биљана Јовановска 0

Основното јавно обвинителство ја проширува истрагата во случајот со финансирањето на играната серија „Македонија“ во продукција на „Јадран Филм“, со кривична пријава против поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илевска.

Како што информираат од таму, кривичната пријава е поднесена од Финансова полиција. Ѓоргоска-Илевска се товари дека го оштетила буџетот на Република Македонија за 1.105.691 евра.

„До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска од страна на Управата за финансиска полиција е поднесена кривична пријава против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик. Лицето како раководен субјект на Агенцијата за филм во периодот од октомври 2016 година до септември оваа година, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување го оштетило Буџетот на Република Македонија за износ од 68.000.000,оо денари“, велат од ОЈО.

Според пријавата, при постапката за финансирање на Проектот – играна серија „Македонија“, Ѓоргоска-Илевска му овозможила на Друштвото за филмска и видео продукција „Јадран Филм“ ДООЕЛ Скопје да се стекне со противправна имотна корист во погоре наведениот износ, а на штета на Буџетот на Република Македонија.

„Како што веќе информиравме, за овој случај Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по известување од Управата за финансиска полиција, минатиот месец отвори предистражна постапка, денешната кривична пријава е земена во работа и по истата се постапува. За понатамошниот тек на истрагата јавноста континуирано ќе биде известувана“, порачуваат од обвинителството.

Close
Please support the site
Кликни на било кој од предлозиве и ќе се тргнат :)